УПАТСТВО ЗА ПОДНЕСУВАЊЕ НА ПОПЛАКА ИЛИ ПРИЈАВА ДО ПОЛИЦИЈА ПО ПРИМЕНА ЗАКАНА ИЛИ ФИЗИЧКИ НАПАД


  1. Кога некое лице ќе добие закана (во било каков вид со било какви евентуални последици) истото е должно да пријави во полициска станица и тоа: доколку е заканата направена по пат на социјална мрежа/интернет тогаш во местото на живеалиштето на она лице кое пријавува; доколку е телефонски или лично и непосредно тогаш во полициска станица на чие подрачје се наоѓало лицето во моментот кога ја примило заканата.


    Лицето кое примило закана е должно истата да ја пријави веднаш или во рок не подолг од 24 часа.


    По примената поплака полицијата е должна веднаш или во најкус можен рок да постапи на начин што ќе преземе мерки и дејствија за утврдување на околностите кои се наведуваат во поплаката.


    За сите преземени мерки како и за постигнатите резултати од таквите мерки полициските службеници се должни да го известат пријавителот во рок од 15 дена од денот на поднесувањето на поплаката.


    Доколку полициските службеници не се во можност да постапат и да го разрешат барањето од поплаката во рок од 15 дена од денот на приемот на истата, тогаш тие се должни да го известат пријавителот дека не се во можност веднаш да го разрешат барањето и да продолжат да постапуваат додека истото не го разрешат.


    Доколку по поднесувањето на поплаката помине подолг временски период а од страна на полицијата нема никакви мерки за разрешување на барањето од поплаката, тогаш пријавителот треба од полициската станица каде што ја поднел поплаката да побара потврда за поднесената поплака, која ќе му послужи како доказ дека поднел поплака и да се обрати до повисоки инстанци во министерството за внатрешни работи.


    Повисоките инстанци до кои може секој граѓанин да се пожали не се експлицитно наведени бидејќи законот претпоставува дека полициските службеници професионално и до крај ќе ја завршат својата работа.


    Доколку не ја завршат, од примери на праксата се покажува ефективно доколку граѓанинот писмено се обрати до началник на Сектор за внатрешни работи кое е надлежно за подрачјето на полициската станица каде е поднесена поплаката. На пример поплака е поднесена во некоја ПС во Скопје и по извесен подолг период нема никаков исход, тогаш граѓанинот може во писмена форма да се обрати до началникот на СВР Скопје и до самиот сектор соодветно, кој ќе ја испита работата и ќе наложи на полициските службеници да продолжат поинтензивно со постапување. Не значи дека со таквото писмено обраќање ќе има којзнае колкав ефект, но секогаш вреди да се направи.


    Друга можност која стои на располагање на граѓаните е да се обратат до министерство за внатрешни работи без да назначуваат сектор, оддел или било каква организациона единица. Како граѓани секогаш имаат право до министерството да поднесат писмена жалба во која ќе наведат каде и кога е поднесена поплака, за што, и дека бараат таквата поплака да се разреши.


    Исто така опција за некаков вид на контрола во случај на непостапување е и поднесување на претставка до сектор за внатрешна контрола.

    Иако овој сектор е надлежен да постапува со цел оценување на законитоста на работењето на работник на министерството.

    Тука повеќе станува збор за повреди од друг тип (кога службениците ги пречекоруваат нивните овластувања) но сепак понекогаш вреди да се поднесе писмена жалба и до овој сектор.


    Надворешна контрола пак на постапувањето и работата на полициските службеници и министерството за внатрешни работи врши Народниот правобранител (Омбудсман). Секој граѓанин во секое време може до Народниот правобранител да поднесе претставка во која ќе укаже дека поднел поплака, но по истата и по подолг временски период не е постапено, како и да побара Омбудсманот да направи проверка и доколку е возможно да даде насока на полициските службеници да реагираат и да ја разрешат поплаката.


    Доколку некое лице е жртва на физички напад, во тој случај треба веднаш но не подолго од 24 часа да пријави во полициска станица на чие подрачје се случил нападот како и задолжително и веднаш но не подолго од 24 часа да се јави на лекар за лекарски преглед каде ќе се констатираат повредите од физичкиот напад.


    Во зависност од нападот и од претрпените повреди кон напаѓачот соодветно ќе се покрене прекршочна или кривична постапка. Понатаму постапката ќе продолжи дополнително со приватна тужба или со застапување како оштетен во кривична постапка.


    Во случај кога е поднесена кривична пријава до некое од основните јавни обвинителства, организационо надлежно да одлучува по донесени решенија на основното јавно обвинителство е вишото јавно обвинителство.


    По поднесена кривична пријава, основното јавно обвинителство може истата да ја процесуира и да покрене соодветно обвинение против сторителот до надлежниот основен суд, или може таквата кривична пријава да ја отфрли поради причини определени со закон. Оштетениот (не и пријавител/подносител кој не е оштетен) има право до надлежното вишо јавно обвинителство да поднесе жалба на таквото решение за отфрлање на кривичната пријава. Во тој случај вишото јавно обвинителство може да го потврди решението на основното јавно обвинителство или да го укине таквото решение и да му даде насоки на основното јавно обвинителство да ја продолжи постапката.


    Често пати кога е поднесена кривична пријава, истата подолг временски период не е процесуирана од страна на ОЈО ниту пак се преземаат било какви дејствија од страна на ОЈО. Во тој случај, законот децидно не определува дека смее и може да се поднесе жалба до ВЈО, но во секој случај може да се поднесе до ВЈО соодветна жалба или поплака како форма на притисок со цел побрзо и поефикасно процесуирање на кривичната пријава.


    Исто така и во овој случај постои опцијата да се поднесе жалба/поплака до Народниот правобранител (Омбудсман) како начин на вршење на притисок со цел побрзо и ефикасно процесуирање на поднесената кривична пријава.