У П А Т С Т В О

- за поднесување на поплака до МВР по добиени закани -


  1. По добиена закана во било каков вид по животот или телото од трети лица без разлика дали се познати (со познат идентитет) на лицето на кое му се заканиле или не му се познати (со непознат идентитет), лицето кое ја добило заканата треба по можност истиот ден, во рок од 24 часа или доколку е објективно спречен (патување во странство и друго) веднаш при првата можност во полициската станица на чие подрачје е добиена заканата, или во полициската станица на подрачјето каде што пријавителот живее да направи пријава за поплака.

  2. Доколку заканата е добиена по телефон или лично, тогаш лицето кое ја добило заканата пријавата треба да ја направи во полициска станица каде што ја добило заканата. Доколку заканата е на интернет и/или на социјални мрежи тогаш пријавата може да се направи во полициска станица каде пријавителот има живеалиште.


  3. Лицето на кое му се заканиле треба лично да оди во полициската станица на чие подрачје ја добило заканата и да направи пријава за поплака против лицето кое му се заканило. Пријавата може да се направи против лице кое е познато (со познат идентитет) како и против лице кое е непознато (со непознат идентитет) за подносителот на пријавата. При поднесувањето на пријавата за поплака, лицето кое пријавува е должно на полициските службеници детално да им опише и објасни на кое место, со какво средство (на пример по телефон, на интернет, социјални мрежи или во живо или на друг начин) е упатена заканата и за каква закана станува збор (пример закана за животот, закана за имотот, закана за телесен интегритет со тепање, закана за семејството, закана за работно место и друго).


  4. Откако полициските службеници ќе ја примат поплаката тие се должни во рок од 15 дена од денот на пријавата да го пронајдат лицето, да го повикаат, да го опоменат и да го предупредат дека не смее во иднина да упатува закани, како и дека упатената закана е противзаконска и дека истиот доколку ја повтори може да подлежи на потежок вид на одговорност. Во принцип полициските службеници се должни во рамките на нивните овластувања да ги преземат сите неопходни мерки и активности за да се разреши работата од поплаката на пријавителот.


  5. За сите преземени мерки и активности од полициските службеници како и од резултатите од таквите мерки и активности полициските службеници се должни во рок од 15 дена од денот на пријавата да го известат подносителот на поплаката. Доколку полициските службеници не се во можност да го решат барањето од пријавата од поплаката во рок од 15 дена од пријавувањето тогаш истите се должни да продолжат со постапување во однос на поплаката сé до нејзино разрешување и притоа се дожни за тоа да го известат пријавителот дека не се во можност веднаш да ја решат пријавата и поради кои причини не се во можост веднаш да ја решат пријавата.


  6. Откако лицето на кое му се заканиле ќе поднесе пријава за поплака до полициска станица, треба да поднесе барање за издавање на потврда на образец кој го има во секоја полициска станица и да плати административна такса која за физички лица е 100,00 денари а за правни лица (фирми и здруженија) е 150,00 денари. Таквата потврда полициските службеници се должни да ја изготват во рок од 15 дена од денот на применото барање од пријавителот. Потврдата не се праќа по пошта туку пријавителот треба да си ја подигне од полициската станица лично.


  7. Во потврдата треба да е наведено дека од пријавителот е примена пријава за поплака, против кое лице, за каква работа и како е постапено по таквата поплака (дали е лицето идентификувано и повикано, дали е опоменато и друго), а доколку лицето не може да се пронајде по правило треба да е наведено дека се преземаат мерки за пронаоѓање и идентификување на лицето, односно дека полициските службеници во моментот не се во можност да го идентификуваат и пронајдат лицето и дека се работи на решавање на проблемот од пријавата.


  8. Исклучително важно е секој кој пријавил во полициска станица дека добил закана, да поднесе барање за потврда и изготвената потврда да си ја подигне од полициската станица, бидејќи таквата потврда е доказ дека заканата е пријавена во полиција како и доказ во евентуални други постапки пред суд кои би се воделе против лицето кое ја/ги упатило заканата/заканите. Таквата потврда секогаш ќе биде доказ дека заканувачот бил предупреден но не прекинал да се заканува и со самото тоа се дава на тежина во докажувањето против таквото лице пред суд. Во спротивно доколку ништо не е преземено или заканувачот не е пронајден, потврдата ќе претставува доказ дека полициските службеници не си ја вршат својата работа и потоа правата на пријавителот ќе може да бидат заштитени и на друг начин.


  9. Доколку лицето кое се заканувало е непознато и истото не го идентификуваат, пронајдат и повикаат во разумен рок, тогаш потврдата која пријавителот ја има добиено од полициската станица ќе послужи како доказ пред соодветните органи на Република Бугарија за државата да реагира по дипломатски пат до Министерството за надворешни работи и Министерството за внатрешни работи на Република Северна Македонија како и пред меѓународните организации и странските држави.


  10. Доколку заканите се повторуваат а се од исто лице/исти лица или се претпоставува дека се од исто лице/исти лица, кога заканата е направена повеќе од 2 пати од исто лице тогаш полициските службеници се должни на третата пријава да состават записник за примање на пријава за кривично дело и се должни да постапат со тоа што против лицето/лицата кои се закануваат во континуитет ќе поднесат кривична пријава за кривично дело „Загрозување на сигурноста“ по член 144 од Кривичен законик во кој е регулирано која е казната за упатување на закани од дено лице на друго лице. Таквото постапување е веќе посеериозно и таквата одговорност е со повисок степен на одговорност кај оној кој се заканува. За таквото кривично дело во зависност од околностите на случајот заканувачот може да биде осуден и на казна затвор.


  11. Во случај кога против заканувачот ќе се поднесе кривична пријава службениците на барање на пријавителот се должни во рок од 15 дена да изготват потврда за направената пријава во која се наведува и дека против лицето е поднесена кривична пријава.


  12. Кривичната пријава од страна на МВР се поднесува до основното јавно обвинителство кое е месно надлежно да постапува, а потоа основното јавно обвинителство поднесува обвинителен предлог/обвинителен акт до основниот суд кој е месно надлежен да одлучува со што се поведува судска постапка против лицето кое упатувало закани. Пред поднесувањето на обвинителниот предлог од обвинителството до судот, обвинителството може да го повика пријавителот како оштетен да го сослуша со цел да посведочи за околности кои обвинителството смета дека треба да се разјаснат. Откако ќе се покрене постапка/заведе дело во судот, судот е должен да закаже расправа и да го повика пријавителот како оштетен во постапата пред суд со цел оштетениот/пријавителот да посведочи за заканите кои му биле упатени од заканувачот (сега веќе обвинет). Постапката пред суд за заканувачот како обвинет завршува со пресуда со која може да биде осуден со условна осуда, парична казна како и со казна затвор.