У П А Т С Т В О

- за постапување по изречена клевета и/или навреда -


  1. Постапката во случај кога едно лице јавно ќе каже клевета и/или навреда е уредена со Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета (кратенка ЗГОНК). За навреда одговара тој што со намера да омаловажи, со изјава, однесување, објавување или на друг начин ќе изрази за друг понижувачко мислење, со кое се повредува неговата чест и углед а одговорност за навреда постои и ако со такво дејствие се омаловажува угледот на правно лице, група лица или умрено лице. Од ова правило постојат исклучоци, односно за навреда не се одговара ако е изјавата направена во Собрание на РСМ, во советите на општините, во постапка пред суд или државен орган, ако е пренесено мислење содржано во службен документ и друго. Постојат повеќе исклучоци од правилото за одговорност за навреда.


  2. За клевета одговара тој што за друго лице со утврден или очевиден идентитет, со намера да наштети на неговата чест и углед, пред трето лице изнесува или пронесува невистинити факти што се штетни за неговата чест и углед, а знае или бил должен и може да знае дека се невистинити а Одговорност за клевета постои и ако невистинитото тврдење содржи факти штетни за угледот на правно лице, група лица или умрено лице. Како исклучок од правилото за одговорност при изнесена клевета предвидено е дека оној кој ќе ја докаже вистинитоста на своето тврдење или ќе докаже дека имал основана причина да поверува во неговата вистинитост нема да одговара за клевета.


  3. Пред поднесување на тужба за надоместување на штетата, физичкото или правното лице на кое му е нанесена штета со навреда или клевета презема мерки за ублажување на штетата, со барање за извинување и јавно повлекување. Извинувањето или јавното повлекување на изјавата се објавува на истото место и во ист обем во печатеното средство за јавно информирање или на интернет страница, или во исто време и во ист обем во електронските средства за јавно информирање или интернет страница, како и информацијата на која се реагира (наслов, наднаслов, поднаслов, текст во пишани средства за јавно информирање или интернет страница, најава во информативна програма, прилог). Извинувањето или јавното повлекување на изјавата се објавува во средството за јавно информирање, односно интернет страницата, најдоцна во рок од 48 часа од денот на доставувањето на реакцијата.


  4. Ако навредата или клеветата е сторена по пат на средство за јавно информирање или компјутерски систем, оштетениот има право да поднесе барање за објавување на одговор, демант или исправка во рок од седум дена од денот кога дознал дека е објавена, но не подоцна од еден месец од нејзиното објавување. Средството за јавно информирање го објавува демантот, одговорот или исправката во рок од два дена од доставувањето на барањето, во првиот нареден број, ако се работи за периодични изданија или во друго средство за јавно информирање, ако се работи за непериодична публикација.


  5. Надоместување на нематеријална штета за навреда се досудува само ако сторителот на навредата не се извинил и јавно не ја повлекол навредливата изјава или ако ја повторил навредата по судската одлука со која се забранува такво повторување. Постапката се поведува со тужба за утврдување на одговорност и надоместување на штета за навреда или клевета, поднесена од оштетеното физичко или правно лице или неговиот законски застапник или старател. Ако е навредата или клеветата сторена спрема починато лице, овластени за поднесување тужба се брачниот другар на починатотот лице, децата, родителите, браќата или сестрите, посвоителот, посвоеникот или друго лице со кое умреното лице живеело во заедничко домаќинство, ако со навредата или клеветата е нанесена штета на нивната чест и углед.


  6. Рокот за поднесување на тужба според одредбите на ЗГОНК е три месеци од денот кога тужителот дознал или требало да дознае за навредливата или клеветничката изјава и за идентитетот на лицето кое ја предизвикало штетата, но не подоцна од една година од денот кога изјавата е дадена пред трети лица или јавно на друг начин. Надлежен суд за водење на постапката за надоместување на штетата е основниот суд според местото на извршување на навредата или клеветата а ако е навредата или клеветата сторена преку средство за јавно информирање, месно надлежен е судот во кое се наоѓа неговото седиште. Ако неговото седиште е во странство, надлежен е судот на чиешто подрачје се наоѓа седиштето на дистрибутерот на средството за јавно информирање.


  7. Доколку пак навредата и/или клеветата е изнесена на социјална мрежа или на интернет а лицето кое ја изнело е со непознат идентитет, тогаш лицето за кое е изречена навредата и/или клеветата треба тоа да го пријави во полициска станица со цел од страна на МВР да биде лоцирано лицето кое ја изнело клеветата и/или навредата и на истото да му биде утврден идентитетот како би можело против истото да се поднесе барање за извинување и тужба доколку истото не се извини во определениот рок.